На 100-годишен поранешен чувар во концентрационен логор наесен ќе му се суди во Германија

На 100-годишен поранешен чувар во нацистички концентрационен логор, во октомври ќе му се суди за соучесништво во убиство на 3.500 луѓе. Обвинетиот, чие име не се се открива во јавноста, бил чувар во логорот Захсенхаузен од 1942 до 1945 година.

Според весник „Велт ам Зонтаг“, на обвинетиот ќе му се суди во Нојрупин, град во истолниот дел на Германија. Тој ќе присуствува на судењето најмногу 2,5 часа дневно, поради возраста.

Германските обвинители и денес се обидуваат да покренат обвиненија против неколку осомничени од нацистичката ера, иако поминаа 76 години од крајот на Втората светска војна. Десетици илјади затвореници починаа во концентрациони логори како последица на глад, болести, принудна работа и злоставување, а за обвинителите тоа и денес треба да биде релевантна причина за судење на оние што ги вршеле злосторствата.

Во 2011 година, судот во Минхен пресуди дека за да биде некој осуден, доволно е да се докаже дека работел во концентрационен камп, дури и да нема конкретни докази дека направил кривично дело. Ова отвори можност обвинителите да поднесат нови обвиненија и да се изречат нови пресуди.

Scroll to Top