На 111 години почина легендарната аниматорка на „Дизни“ која работеше на „Снежана и седумте џуџиња“ и „Заспаната убавица“

Рути Томпсон, легендарната аниматорка која работеше на Снежана и седумте џуџиња, Пинокио, Дамбо, Заспаната убавица, Мери Попинс и многу други хитови на „Дизни“,почина на 111 години. Томпсон починала мирно во сон, стои во соопштението на компанијата Волт Дизни.

Рути работеше за компанијата речиси 40 години и помогна во изработката на бројни проекти, вклучувајќи ги и „Снежана и седумте џуџиња“ од 1937 година, „Пинокио“ ​​од 1940 година, „Дамбо“ од 1941 година и „Заспаната убавица“ од 1959 година.

Томпсон е родена во Портланд на 22 јули 1910 година. Пораснала во Бостон, пред таа и нејзиното семејство да се преселат во Калифорнија во 1918 година. Таа се вработила во Академијата за јавање во Дуброк, каде Волт Дизни и неговиот брат Рој би играле поло. Откако се запознале, Волт ѝ понудил работа како сликар во Одделот за мастило и боја на компанијата „Волт Дизни“. Таму ги ставала завршните бои во „Снежана и седумте џуџиња“, првиот анимиран филм во студиото „Дизни“.

„Работевме ноќе, ден за ден, сè додека не го добивме тоа што го сакаме“, рекла во едно дамнешно интервју Томпсон за првиот анимиран филм на којшто работела.

Томпсон подоцна беше унапредена и ги прегледуваше анимациите пред да бидат фотографирани на филм. Таа се повлече од компанијата „Волт Дизни“ по скоро 40 години.

По нејзината смрт, на социјалните мрежи од Рути се прости поранешниот извршен директор на Дизни, Боб Игер.

„Почивај во мир Рути Томпсон. Вистинска легенда за анимација. Нејзиниот придонес за Дизни, од ‘Снежана’ до ‘Спасувачите’, не може да се опише со зборови. Ќе ни недостига нејзината насмевка и прекрасната смисла за хумор, но нејзината исклучителна работа и пионерскиот дух засекогаш ќе нè инспирираат“, напиша Игер.

Scroll to Top