На островот Ластово во Хрватска нема ниту еден заболен од корона од почетокот на пандемијата

Хрватскиот остров Ластово, кој има 760 жители, е едно од ретките места во светот каде што нема заболени од коронавирус. Островот е оддалечен околу пет часа со траект од Сплит и таму досега никој не е заразен.

„Немаме конкретни објаснувања зошто нема ниту еден случај на Ковид-19 цело ова време. Имавме напорно лето, многу туристи, животот е ист како и во сите други области. Луѓето ги кршат и ги почитуваат мерките, не постои некое специјално однесување во нашата заедница. Живееме како остатокот од светот. Ние сме затворена средина и зад нас, од туристичка гледна точка, имавме успешно лето. Можеби имаме посилен колективен имунитет. Благодарни сме му на Бога и се надеваме дека ќе нè чува и понатаму“, рече шефицата на кризниот штаб на Ластово, Маргарет Хропиќ, за хрватските медиуми.

И локалните жители велат дека островот бил преполн со туристи во текот на сезоната, но сепак нема корона. Еден од најголемите претприемачи од Ластово, Марселино Симиќ, за порталот „Слободна Далмација“ раскажал дека и до 300 луѓе циркулирале на мал простор.

„Поминаа многу луѓе тука, но дали некој се зарази – не, дали короната дојде – не. Имавме два-три случаи на самоизолација, но тоа беа луѓе што дојдоа на островот отстрана, па мораа да ја поминат таа мерка. И сè беше здраво. Зошто? Нема корона на отворено, не може да преживее. Малку луѓе има на целиот остров на 50 километри квадратни. Целиот наш остров е една голема самоизолација. Се внимаваше кога се излегуваше на брегот, се внимаваше на траектот и катамаранот. На секому од нас навистина му е важно како се однесува. А на Ластово има посебна енергија што нè одржува сите заедно“, рече тој.

Scroll to Top