Сања Боризовска од Куманово како петгодишно девојче била силувана од близок роднина. Кошмарот што го преживеала како дете и денес ѝ буди чувства на страв и болка. Грозно, мачно и болно ѝ е секое сеќавање, но одлучи ја сподели приказната за да ги охрабри девојчињата да не молчат.
Насилникот врз неа си ја исполнувал секоја скриена, вулгарна и садистичка фантазија. А по сексуалниот чин, ќе го ставел прстот на неговата уста предупредувајќи ја дека мора да молчи.
„Имав четири години кога првпат ме допре возрасен маж. Веќе на пет години бев силувана и тоа траеше сè до мојата шеста година. Грозно. Со прстот преку неговата уста секојдневно ме подучуваше колку е важно да молчам, упорно убедувајќи ме дека ништо лошо не се случува. Страв, незнаење, збунетост, трепет и болка беа единствените чувства што ме следеа цели две години додека бев сексуално злоупотребувана“, раскажува 31-додишната Сања, која за „Репортер“ ја отвори душата.
Истиот човек, роднината на Сања, ја силувал и сопствената ќерка.
„Детето кое на една година учеше да оди и зборува беше жртва на сексуалната болест на својот татко“, додава Боризовска.
„Пред моите очи се случуваше сето тоа. Болката од таквиот чин никогаш не се заборава, не само умот, туку и телото памети и остава лузни“, раскажува таа.
Тешко било да им се каже и на родителите. Човекот кој сексуално се изживувал врз неа ѝ се заканувал дека ќе ѝ ги убие родителите.
„Секое дете ќе поверува во таа приказна. А што можев освен да верувам“, вели Сања. Сексуалната злоупотреба престанала кога се преселиле, но сеќавањата ѝ се вратиле кога наполнила 10 години.
„Сеќавањата… Тоа е најтажното нешто. Замислете колкави се физичката и психичката болка што сте ги трпеле како дете цели две години, па одеднаш сето ова ќе ви се врати во сеќавањата. Не верувате, ама знаете дека е вистина“, додава Сања.
Долго време, вели, се борела со вистината мислејќи дека тоа е само лош сом. Но, тука се мирисот, вкусот, допирот и, секако, болката, кои никогаш не се забораваат. Со тек на време сеќавањата почнале да добиваат цела слика, датуми, денови, ноќи, лица, гласови, зборови, кои почнала сама да ги запишува, истражува.
„Барав докази во сеќавањата дека сето тоа навистина се случило. Откако ја видов сета слика пред мене, секој детаљ, секој изминат ден од тие две години, гласно си признав – да, јас сум силувана на 4 години од близок роднина. Ја сум сексуално физички, психички злоупотребувана од близок роднина, човек кому му верував и кој ми зборуваше дека тоа е нормално оти тоа било љубов“, вели Сања.
На својот 18. роденден првпат гласно проговорила за сето ова. Родителите биле ужаснати, лути, бесни.
„Затоа, по долго патување надвор од Македонија, се вратив назад да ја основам Невладината организација ‘Омнис’, со силна поддршка од мојот татко и од мојот партнер, истапив јавно да го пуштам мојот глас. Ги користам моето лице, мојата траума, мојата болка, мојот глас, да допре до сите преживеани од сексуална злоупотреба до сите оние кои знам колку страдаат и со колкава болка се носат низ животот, да се отворат на своите блиски – да го пуштат својот глас, да зборуваат. Бидејќи не сте сами, не сте единствени!“, вели Сања, жртва на педофилија.
Таа вели дека никогаш не е доцна да се зборува за оваа траума. Дека секој кој сексуално злоупотребил дете, треба да одговара за тоа. А, не тоа да остане онака како што нејзе и се случило, кога и по толку обиди, судот ништо не неправил за нејзината траума и болка.
„ Секое извлекување, на педофил или сексуален злоставувач значи дека уште едно невино момче, девојче, ќе падне во неговите раце. Тогаш веќе ќе е доцна. Траумата никогаш не заминува, може само да се намали болката. Секоја жртва од сексуално злоставување е неопходно да добие поддршка, да се отвори и да зборува! Со Организацијата ОМНИС, жртвите денес имаат поддршка од нас, да исстапат храбро, да го кажат своето искуство, затоа што вашиот глас ќе спаси нечија ќерка, син за да не помине низ истата траума низ која ние минуваме секој ден од нашите животи“, додава Сања.
Александра Георгиев
Фотографија од насловната: Александар Ивановски