Најопасниот мафијашки шеф избега од затвор

Роко Морабито, кој моментално важи за најопасниот мафијашки шеф во светот, избега од затвор во Уругвај. Тој таму престојуваше привремено додека чекаше екстрадиција заедно со уште тројца опасни затвореници. Тие во текот на ноќта успеале да побегнат низ кровот од затворот, ја ограбиле блиската фарма и побегнале во непознат правец, соопшти Министерството за внатрешни работи на Уругвај.

52-годишниот мафијашки шеф Морабито чекаше екстрадиција во затвор во Монтевидео од каде требал да биде вратен во Италија поради меѓународно обвинение за трговија со дрога. Според италијанското обвинителство, Морабито одиграл голема улога во операциите на трговија со дрога меѓу Јужна Америка и Милано, заради што во медиумите го добил прекарот „крал на кокаинот во Милано“.

Инаку, Морабито е уапсен во 2017 година во хотел во Монтевидео во Уругвај, откако десет години живеел под псевдоним и користел бразилски пасош.

Тројцата други затвореници кои побегнале со Морабито биле криминалци кои чекале екстрадиција во Аргентина и Бразил поради злосторства како убиства и кражби, соопшти Министерството за внатрешни работи на Уругвај.

Scroll to Top