Најстариот човек на светот сака да живее до 125 години

Мануел Гарсија Хернандез е најстариот човек на светот. Тој има 121 година и се надева дека ќе дочека 125 години. Мануел се грижи за кокошките на семејната фарма во Веракруз, Мексико. Секое утро станува во 5.30 часот, денот го започнува со банани и смути од јаболко, а потоа појадува овесна каша и две јајца. Потоа оди да направи обиколка кај кокошките.

Мексиканецот не се обидел да го официјализира податокот и да влезе во Гинисовата книга на рекордите. Вели дека за него годините се само број. Гарсија во едно неодамнешно интервју за мексиканските медиуми вели дека не чувствува оти има повеќе од 80 години. Додал дека жали само за две работи во животот – што го изгубил својот татко во раните години и дека повеќе не може да работи.

„Среќен сум, но се чувствувам уморно. Се трудам, работам, бидејќи ако останам да лежам во креветот или да седам во фотелјата, можам да се разболам. Јас би сакал да работам како што сум навикнат, во полињата да заработувам, но не можам. Тоа ме прави тажен. Како млад работев напорно“, рекол Гарсија.

Мануел има пет деца, 15 внуци и 6 правнуци. По смртта на сопругата Роса, се преселил кај една од ќерките.

Scroll to Top