Наместо да ни се смеете на нашиот модел во борбата со Ковид 19, подобро би било нешто да научите од нашите искуства, му порача шведскиот епидемиолог Андре Тегнел на светот.
Тој во отворено писмо вели дека карантинот и другите ограничувања што ги воведоа сите европски земји може да функционираат само кратко време, а дека на подолги патеки шведскиот модел е подобар.
Шведската влада не ги воведе рестриктивните мерки, туку само им даде упатства на граѓаните како да се однесуваат, а како последица на тоа имаше повеќе заразени и повеќе жртви од коронавирусот отколку во земјите што воведоа карантин.
Во писмото тој објаснува дека шведскиот модел не е исто она што го примениле во САД и Бразил и дека методот „Живеј и дозволи да се умре“, не е ист како и „Секој да се грижи за себе“, туку „Сите да се грижат за сите“.
Шведскиот модел за одбрана од коронавирусот има историски корени и се базира на идејата дека секој треба да учествува во одбраната (не само од заразата, туку и во други ситуации) и дека секој треба да даде свој придонес.
„Долгорочно се покажува дека шведскиот модел е подобар затоа што стирктните мерки на ограничување, црвените зони и карантинот може да се применат само краткотрајно“, тврди Тегнел.