Здравствената криза што ја предизвика пандемијата од коронавирусот на површина ги извади сите слабости на македонското образование, но во исто време покажа дека во Македонија има наставници што сериозно си ја сфаќаат професијата и не чекаат помош од институтиците.
Наставничката Георгина Димова веќе 19 години предава информатика. Таа работи во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино и секоја година има околу 300 ученици. За нејзините часови велат дека биле особено интересни затоа што таа секогаш знаела како да им го задржи вниманието на своите ученици.
„Во периодот од март до јуни со учениците од информатичката секција се вклучувавме на онлајн-часови за програмирање. Настаните ги организира ‘коде.орг’. Со регистрирањето наставникот добива линк со кој се вклучува на часовите во живо. На часовите секогаш имаше некоја интересна личност со која учениците можеа да се запознаат, како, на пример, Бил Гејтс, со кого учениците имаа можност да разговараат, како и со актерката Јара Шахиди и креаторот на Google sheets („Гугл шитс“), Фази Хосрошахи. Учениците уживаа во овие средби, секако многу прашања имаа за Бил Гејтс“, вели Димова за „самопрашај.мк“.
Таа, всушност, редовно работи на проекти со кои учениците имаат можности да се запознаваат со свои врсници од други држави, со експерти од разни области, да научат за другите култури и обичаи. Веќе три години по ред нивното училиште учествува во Skype-a-thon („Скајпатон“). Станува збор за 48-часовен настан на кој учениците со користење „Скајп“ се поврзуваат со ученици од целиот свет или познати личности. Настанот го организира „Мајкрософт“.
Димова објаснува дека наставникот треба да биде регистриран на образовната платформа на „Мајкрософт“ за да учествува и преку неа се прават закажувањата на повиците.