Деновиве во книжарниците на literatura.mk се појави книгата „Некогаш некаде” од авторот Зоран Спасов – Sоф (познат по романот „Тито – мојот претпоследен херој”).
Книгата има 336 страници во боја, не може да се вброи во ниту еден жанр, но токму тоа што има по малку од сè ја прави интересна. Едноставно и лесно ни доловува едно време изминато, но не и заборавено. Најдобро може да се долови со цитати од предговорот и рецензиите.
„Не е енциклопедија. Можеби е само вовед во една епопеја, сведок на едно време, на едно место. Не е ни лексикон на заборавени изрази, изумрени чувства и исчезнати поими. Преполна е со емоции, хумор и незначителна доза на сарказам, иронија и цинизам“.
„Авторот нуди одговор на прашањето дали македонската историја е: ненапишана, препишана, преправена, намерно сокриена, осакатена, украдена, заташкана”.
„Ова е бајка за едно време и едно место. Нешто што е напишано за да не го избришат душманите и џелатите на македонската историја. А во исто време, тоа нешто да не биде ништо поразлично од приказните за Јованче и Марика, Децата од Павловата улица, Дружината Братско стебло“.
„Ова е дел од антикварницата што многу генерации ја носат со себе. До крајот на животот. А и потоа”.
Овие страници се посветени на една македонска Атлантида што постоеше. „Некогаш ★ некаде“.
Цената на книгата изнесува 300 денари, а доколку ја купите заедно со „Тито – мојот претпоследен херој” истата ќе ве чини само 150 ден.