Ноќеска почнува летното сметање на времето

Летното сметање на времето започнува утре во 2 часот наутро. Тогаш стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред и наместо 02 да означуваат 03 часот.

Ова значи дека во недела ќе спиеме еден час помалку, но затоа попладневната светлина ќе биде подолга. Летното сметање во 2018 година ќе заврши на 28 октомври во 03 часот по полноќ, со поместување за еден час наназад, така што 03 часот ќе се смета како 02.

Летното сметање на времето се нарекува мандатно, договорно или указно време. Тоа претставува административно поместување на службеното време заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини.

Луѓето секогаш барале начин максимално и најдобро да го искористат долгиот летен ден за своите активности. Така, во античко време, особено во Римската империја, 12-те часови на денот, во зима траеле пократко, околу 45 минути, во лето подолго, околу 75 минути. Ваквиот систем на нееднакви часови во некои делови на Европа се задржал и во Среден век.

Scroll to Top