„Нокија“ го врати еден од своите класични мобилни телефони „6310“, за да ја одбележи 20-годишнината од неговото појавување на пазарот. Компанијат „ХМД глобал“, која ги произведува телефоните на „Нокија“, вели дека телефонот ја има оригиналната и легендарна силуета на „6310“, како и батерија која долго трае, нешто по што беше препознатлив 6310.
Телефонот доаѓа со копија на класичната мобилна видеоигра од 1990.-„Змија“, како и со цврста форма, поради која и го доби прекарот цигла.
Бидејќи во меѓувреме поминале 20 години, а технологијата еволуцира, и кај телефонот има мали измени: поголеми копчиња и зумирање на менито заради полесно читање. Поголем е и екранот- 2,8-инчи со 320х240 пиксели, наспроти оригиналниот кој беше 1,8 инчи и 120х160 пиксели.
„‘6310‘ беше омилен меѓу тинејџерите кога се појави поради своите доверливост, цврста форма и долготрајна батерија. Новата верзија е совршен лек за копнежот по носталгија“, изјави портпаролот на „Нокија“.
Од компанијата велат дека батеријата трае 19 часови ако телефонот активно се користи. Во мирување нетреба да се полни 21 ден.
„Нокија 6310“ престана да се произведува во 2005, кога беше заменет со моделот „6230“. Оригиналната верзија имаше основен пристап до интернет и меморија од 174 килобајти.