Нов Зеланд сака да стане земја без пушачи до 2025 година

Нов Зеланд објави неколку предлози со кои ќе забрани продажба на цигарите на помладите генерации бидејќи планира да стане земја без пушачи до 2025 година.

Планот предвидува постепено да се зголемува возрасната граница за дозволено пушење, а продажбата на цигари и производи од тутун би им се забранила на сите родени по 2004 година, со што пушењето би станало илегално за таа генерација.

„Ни треба нов пристап. Околу 4.500 Новозеланѓани умираат секоја година поради пушењето и ни треба позабрзан напредок за да ја оствариме целта до 2025 година“, изјави заменик-министерката за здравство, Ајеша Верал.

Исто така, се разгледуваат и мерки за значително намалување на дозволеното ниво на никотин во тутунските производи, утврдување на минималната цена на тутунот и ограничување на местата каде што може да се купат тутун и цигари.

Предлозите добија поддршка од голем број јавни здравствени организации.

Се смета дека пушењето е одговорно за една четвртина од смртните случаи од рак во Нов Зеланд, каде што еден милион луѓе секојдневно пушат. Ова особено е изразено меѓу домородните Маори.

 

Scroll to Top