Од 1 јуни да се дозволат свадби и прослави со максимум 100 гости, маските да останат задолжителни само на затворено, а на маса во угостителските објекти да може да седат по шест гости, ова се дел од олеснувањата на мерките против коронавирусот што ги предлага Комисијата за заразни болести. Полицискиот час од 12 часот на полноќ до 4 часот наутро останува во сила.
Министерството за здравство ја информира јавноста дека утрово на Комисијата за заразни болести донесена е одлука до Главниот координативен кризен штаб да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки. Од Министерството за здравство наведуваат дека пандемијата стивнува и од недела на недела се намалува бројот на активни случаи.
Комисијата ќе ги предложи следните олабавувања:
– Од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, во јавен превоз и секаде каде што не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни;
– Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски;
– Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест;
– Спортските натпревари што се играат на отворени терени да бидат со публика, но со максимална исполнетост од 30 % од капацитетот на стадионот;
– Да има дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, а сите други рестрикции за нив остануваат во сила.
Полицискиот час останува во сила.
Министерството за здравство најави дека во текот на оваа и следната недела Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани.
„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа, апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, велат од Министерството за здравство.