Од утре престанува да важи полицискиот час на целата територија на државата. Ова го соопшти премиерот Оливер Спасовски. Тој рече дека според анализите и препораките на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлуки со кои престанува важењето на повеќе рестриктивни мерки во државата.
Од четврток почнуваат со работа угостителските објекти со прецизно утврдена работа во отворените делови, односно терасите. Во наредната фаза ќе се регулира работата на затворените делови од угостителските објекти.
Од 1 јуни ќе престанат да важат одлуките од Владата со кои одредени лица се ослободуваат од работните обврски. Ова нема да важи за одредени категории лица, како на пример за родителите на децата до 10 години и деца на претшколска возраст, бидејќи за нив ќе се чека одлуката за работа на градинките, како и за хронично болните.
Полицискиот час беше воведен пред повеќе од два месеци, на 21 март. Тогаш полицискиот час траеше од 21 часот до 06 часот изутрина, а потоа стапија на сила поригорозни мерки.
Најдолгиот полициски час траеше 85 часа, за време на велигденските празници.