Туристите што ова лето ќе дојдат во Трпејца, Охрид, ќе можат да пијат вино разладено на дваесетина метри длабочина на дното на Охридското Езеро. Идејата за оваа туристичка атракција не е нова, а такви искуства веќе им се нудат на туристите на неколку локации во Средоземјето, но првпат се нуди во Охрид.
Нуркачи од Клубот за подводни дејности од Охрид ја поставија специјалната метална корпа за сместување на виното во водите на Езерото близу брегот кај селото Трпејца. Внатре ќе бидат поставени 250 шишиња вино „Далвина“, што ќе се послужуваат по желба на гостите во ресторан во Трпејца.
Зоран Тунтев, ескперт по туризам и иницијатор на повеќе проекти за промоција на туристичката понуда, вели дека замислата е да се заинтригира вниманието на гостите со некоја посебна понуда, притоа посочувајќи дека таквото вино послужено во топлите летни денови поседува особен шмек.