Откриен нов вид полжав во Црна Гора, доби име по Новак Ѓоковиќ

Во близина на Подгорица, Црна Гора, е откриен нов вид полжав, што го доби името „Травунијана ѓоковици“ во чест на тенисерот Новак Ѓоковиќ, пишува порталот „Виести.ме“. Новиот вид го откриле словачкиот биоспелеолог Јозеф Грего и професорот Владимир Пешиќ од Универзитетот во Црна Гора.

Научниот труд за откривањето на новиот вид е објавен во познатото меѓународно списание Subterranean Biology.

„За да откриете некои од најретките животни во светот кои живеат во уникатните подземни живеалишта на динарскиот карст, да стигнете до нивните недостапни живеалишта во пештери и извори, како и за долгата и трпелива работа за време на обработката на собраниот материјал, потребна ви е енергијата и ентузијазмот на Новак. Травунијана ѓоковици е еден од најинтересните видови кои се населуваат во подземните живеалишта на карстната област на Црна Гора и еден од најретките видови во светот. Тој е единствен како Новак“ – вели Пешиќ.

Тој вели дека истражувањето на овој уникатен вид ќе продолжи, ќе се направи детална ДНК-анализа со цел да се добие слика за еволуцијата на живиот свет и процесот на колонизација во динарските карстни области.

„Во овој проект ќе учествуваат 11-12 професори и докторанти од Црна Гора, Полска, Словачка и Србија, кои, како и јас, докажуваат дека најголемите обожаватели на Новак се научниците“, изјави Пешиќ.

Scroll to Top