Откриен третиот најголем дијамант во светот

Компанијата „Дебсвана“ го пронајде третиот најголем дијамант во светот со 1.098 карати. Оваа компанија се занимава со ископување скапоцени камења, а огромниот дијамант го откриле во нивниот рудник во африканската земја Боцвана на 1 јуни.

„Ова е најголемиот дијамант што ‘Дебсвана’ го откри во својата 50-годишна историја. Овој редок и вреден камен значи многу за земјата. Ова ретко откритие дава надеж за земјата која и понатаму се бори“, изјавила директорката на „Дебсвана“, Линет Армстронг.

Скапоцениот камен му бил покажан на претседателот Мокгветсиј Масисију, а министерот за рударство во земјата, Лефоко Моаги, изјавил дека дијамантот бил откриен во вистински момент по пандемијата на коронавирусот што ја погоди земјата и продажбата на дијаманти во 2020 година.

Овој дијамант засега нема име. Тој е со димензии 73 мм, 50 мм, 27 мм. Најголемиот дијамант во светот е „Кулинан“, камен од 3.106 карати, и е откриен во Јужна Африка. Вториот најголем е „Леседи Ла Рона“, кој има 1.109 карати и е откриен во Каровеу во североисточна Боцвана во 2015 година.

За потсетување, Боцвана е најголем светски производител на дијаманти.

Scroll to Top