Папата го продава своето ламборџини

Папата Франциско го продава своето ламборџини што го добил лани во ноември како подарок од произведувачот, фирмата Аутомобили Ламборџини. Автомобилот е потполно нов, а папата обично се вози во форд фокус. Папата целиот приход од продажбата има намера да им го донира на хуманитарни организации.

Моделот хуракан РВД купе на 12 мај ќе биде понуден на лицитација во Монако, објави британската аукциска куќа „Сотби“. Се проценува дека уникатното возило со бело-златна боја може да биде продадено за 250.000 до 350.000 евра.

Околу 70 отсто од приходот е наменет за проектот обнова на ирачката покраина Нинива, во која се наоѓа градот Мосул што е речиси целосно уништен во нападите на Исламска држава. Останатата заработка ќе им се распредели на три добротворни организации.

Scroll to Top