По 35 години „Макфест“ првпат ќе се одржува на отворено

35. фестивал на забавни мелодии „Макфест“ годинава ќе се одржи на 18 и 19 септември на отворено, на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. Првата вечер ќе биде ревијална, со осум изведувачи. Втората вечер ќе биде натпреварувачка и тогаш на плејбек ќе пеат 24 пејачи, меѓу кои Александар Митевски и Драган Спасов-Дац, Димитар Андоновски, Биба Додева, Нокаут, Ѓоко Танески и неколку дебитанти.

Фестивалот, поради паднемијата, овој пат ќе биде сосема поинаков од претходно, а организаторите, учесниците и публиката ќе мора да се придржуваат до заштитните мерки и протоколи.

„Ова е најголемиот предизвик со кој сме се соочиле во сите овие години. И во минатото имало бројни предизвици, но биле успешно совладани, така што не се сомневам дека и оваа година ќе имаме успешен фестивал“, рече заменик-градоначалникот на Штип, Јане Миланов, на прес-конференција.

Наградите остануваат исти како и претходните години, 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ и 1.000 евра за трето место. Ќе се доделат и наградите за најдобар аранжман, за најдобар сценски настап и за дебитант во висина од 500 евра, а нема да се додели наградата за најдобра интерпретација бидејќи фестивалот ќе биде на плејбек.

По натпреварувачкиот дел на 19 септември, шоу ќе имаат Игор Џамбазов и Гуру Харе.

 

 

Scroll to Top