Хрватот Винко Матиќ (28) пред еден месец конечно се ослободил од минусот на тековната сметка, кој го влечел уште од 2008 година. Тогаш поставувал клими за една компанија каде што работел сезонска работа и немал постојан работен однос, па така ни право на минус.
Кога банката му дозволила минус од 5.000 куни, почнале проблемите. Со скромна плата тој веќе едвај врзувал крај со крај. Живеел во заедничко домаќинство со мајка си од која знаел да ја позајми и картичката одвреме-навреме. Не биле тоа преголеми трошоци. Главно трошеле на храна и домашни работи.
Како што обично и завршува на крајот, стигнал до лимитот, но тогаш се случило нешто што Винко не можел да го предвиди. Останал без работа.
Бидејќи не можел да го врати минусот, банката му ја блокирала сметката. А да биде работата уште полоша, работа не можел да најде неколку години. И тогаш, кога на крајот се вработил, пред две години, почнал самиот да си го плаќа прастариот долг.
Но, долгот повеќе не бил пет, туку 12.000 куни. Се собрале камати и другите побарувачки од банката. Знаел што го чекало. Вели дека повеќе никогаш не би се впуштил во ваква авантура затоа што во вакви нестабилни времиња човек не може ни сметките да си ги намири и да го врати својот долг.
Голем број граѓани од Хрватска како Винко живеат со минуси на сметките.
Без оглед на причините поради кои сте во долг и доколку останете без работа, никогаш немојте да ги одложувате. Ако се разболите или ви се зголемат трошоците за живот поради некоја друга неочекувана причина, ќе нема кој друг да ги враќа за вас. Долгот е ваш и затоа веднаш почнете да го враќате, се некои од сведоштвата на луѓе што претходно заглавиле во враќањето на долговите. Велат дека кога ќе дојдат такви времиња, треба да се троши само на тоа што е неопходно, храна и сметки.
Велат дека е подобро да позајмите од пријател и да ги намалите вкупните расходи. Размислете и за продажба на своите работи за дополнителна заработка. Погледнете го пописот на трошоци и запрашајте се: Како можам јас да го намалам овој трошок?
Купувајте планирано и чекајте ги намалувањата.
Минусот можете да го покриете само на два начина, со зголемување на приходите или со намалување на расходите. Приходите зголемете ги со дополнителна работа, поголема плата, продажба на имотот што не го користите (возило, компјутер, облека). Намалете на трошоците на кои можете да влијаете – мобилен, бензин, греење.