Ванеса Брајант, вдовицата на легендарниот НБА-кошаркар Коби Брајант, ја тужела сопствената мајка, Софија Лајин, за изнуда на пари. Софија се обидела да изнуди пет милиони долари по смртта на сопругот на нејзината ќерка, пренесува американскиот медиум „Комплекс“.
Судските документи од тужбата во Калифорнија покажуваат дека Софија барала пари од нејзината ќерка, тврдејќи дека не добивала пари за тоа што го работела кај нив како долгогодишна лична асистентка и дадилка на семејството, пренесува „Пипл“.
„Ја поддржував мојата мајка речиси 20 години и таа никогаш не беше мој или на Коби личен асистент. Ниту ни беше дадилка. Секогаш бев домаќинка која не работеше и мојот сопруг и јас бевме 100% посветени на нашите ќерки“, изјавила Ванеса.
Таа вели дека 20 години се обидувала и организирала Софија да живее во нивна близина и да нема никакви трошоци, затоа што по нејзиниот развод, таа немала пари да си обезбеди дом.
„Коби и јас сметавме дека најдобро за неа е да живее во близина на нашата куќа. Таа сега сака да ми наплати 96 долари за час, за наводна работа од 12 часа дневно, за 18 години, затоа што ги гледала нејзините внуки. Нејзините наводи очигледно се лажни“, изјавила Ванеса.