Почина Чарлс Гешке, човекот кој ги измисли Фотошоп и ПДФ

Еден од основачите на компанијата „Адоб“, Чарлс Гешке, почина на 81 година. Тој е еден од луѓето кои ја развија ПДФ-технологијата, заедно со неговиот бизнис-партнер Џон Ворнок.

Гешке на почетокот на кариерата почнал да работи во истражувачкиот центар на „Зерокс“ во Пало Алто. Таму го запознал Џон Ворнок. Двајцата ја напуштиле компанијата во 1982 година и заедно ја основале „Адоб“, па почнале да развиваат софтвер.

„Нивниот прв производ беше Адоб постскрипт, иновативна технологија која овозможи радикален нов начин на печатење текст и слики на хартија. Тие потоа создадоа некои од најзначајните софтверски пронајдоци, како ПДФ, Акробат, Илустратор и Фотошоп“, изјави извршниот директор на „Адоб“, Шантану Нарајен.

Во 2009 година, Гешке и Ворнок добија Национален медал за технологија од тогашниот американски претседател Барак Обама.

Scroll to Top