По кратко боледување, вчера почина Ристо Поповски, основачот на првата приватна новинска агенција „Макфакс“ во 1992 година. Поповски зад себе остави импресивна новинарска биографија и беше голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.
Поповски (1945 – 2018) беше познат по својата скромност, добрина и солидарност. Работеше за Радио Скопје од 1965 година како волонтер, а од 1970 година и професионално. Од 1974 година до 1992 година беше вработен во новинската агенција „Танјуг“, најпрвин како новинар, а потоа и како уредник на Македонската редакција на „Танјуг“. Беше дописник во Москва во времето на историските промени на почетокот на деведесетитте години. Своите новинарски ставови како коментари ги објавуваше и во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Слободен печат“, а беше и коментатор од Македонија за „Ал Џезира“.
Добитник е на Наградата за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.