Советот на Град Скопје утре ќе одржи седница на која ќе се расправа за поскапување на цената на билетот за влез во Зоолошката градина. Сегашната цена изнесува 50 денари, а доколку градот одлучи влезницата да поскапе, билетите ќе ги чинат граѓаните 80 денари.
Ако биде усвоена новата цена, истата треба да стапи на сила на почетокот на јуни. Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов вели дека зголемувањето на цената на билетот се должи на зголемениот број на содржини и нови животни во градината.
„Цената за влез во Зоолошката градина не е коригирана од 2007 година. Во меѓувреме градината е комплетно ревитализирана, изградени се нови живеалишта, патеки, огради, збогатена е со нови видови животни и се нудат нови содржини за забава и едукација, па потребно е корегирање на цената. Цената за билет во Зоолошка беше на ниво на цените во кино салите, но во изминатиов период тие се зголемија, а влезот во Зоолошка остана непроменет“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.
Градот изработува и воведување на нов ценовник за содржините кои летово ќе бидат отворени и за кои покрај влезницата, ќе се плаќа дополнително. Влезот во паркот на диносауруси ќе чини 50 денари, а во мини зоолошката каде ќе има бебиња животни посетителите ќе треба да платат плус 20 денари.