Во светот потребно е да се посадат 353 милијарди стебла, или 50 дрвца од еден човек, за да ги спречиме климатските промени. Претставниците на италијанската организација „Тридом“ основана во 2010 година, велат дека ќе се обидат да извршат влијание, нудејќи полесен начин за членовите на јавноста да засадат повеќе дрвца.
Организацијата е основана пред десет години од страна на Томас Сперони и Федерико Гарсија, кои во тој период работеле на проект во Камерон.
„Секојдневно бевме сведоци како исчезнува огромна површина на шума, а локалното население ги продава дрвата на дрвната и земјоделската индустрија“, изјави 38-годишниот Гарсија.
Нивното искуство ги навело да ја основаат организацијата, која користи компјутерска симулација за да ги охрабри луѓето да го следат напредокот на секое дрво.
„Ние ги садиме дрвата ширум светот. Имаме проекти и се обидуваме да ја поттикнеме и одржиме земјоделската пракса, обновувајќи го биодиверзитетот, спречувајќи ја ерозијата на земјата и надоместувајќи ја емисијата на јаглероддиоксид. Преку организацијата имаме не само позитивно влијание на животната средина, туку и социјално“, вели Гарсија.
Нивната организација соработува со земјоделските и локални заедници со цел да засадат овошки кои ќе ја обезбедат безбедноста на храната и дополнителен приход. Секое засадено дрво е геолоцирано и фотографирано, а на купците редовно им се испраќаат ажурирања за засаденото дрво.