„Фудбалски тим ќе загине во авионска несреќа. Запаметете што ви кажав. Ова ќе се случи во рок од година и пол“, рекол бразилскиот јасновидец Карлињос на 29 март 2016 година.
Точно осум месеци подоцна, на 29 ноември во авионска несреќа на пат кон Меделин загина речиси целиот тим на бразилскиот прволигаш Шапекоенсе.
Истиот човек го предвидел дебаклот на Бразил во полуфиналето на Светското првенство од Германија. Бразилците како домаќини на Мундијалот беа декласирани од Германија, 7:1.
Сега Карлињос има вести што ќе ја загрижат бразилската нација, а се поврзани со најдобриот фудбалер на оваа земја, Нејмар.
Фудбалерот за кого ПСЖ плати 222 милиони евра во неделата се здоби со скршеница на метатарзалната коска во стапалото. Според прогнозите, сезоната за него е завршена, но ќе биде подготвен за Светското првенство во Русија. Јасновидецот не се согласува со ваквите прогнози, тој уште во декември лани тврдеше дека играчот на ПСЖ нема да игра во Русија.
„Бразил нема да може да смета на Нејмар на Светското првенство во Русија. Нешто ќе му се случи, а ќе му бидат потребни пет до седум месеци за да се рехабилитира. Можно е периодот на рехабилитиација да биде малку пократок, но на СП ќе одигра еден или два натпревари“, тврди бразилскиот јасновидец.
Нејмар утре ќе биде опериран во Бразил, а релативно бргу фудбалската јавност ќе знае дали тој ќе игра во Русија.
Бразил на СП во Русија е во група со Костарика, Србија и Швајцарија.