Првата македонска стриминг-платформа „Глеј“ нуди серии, филмови, документарци

„Од денеска на македонскиот пазар е достапна првата македонска национална стриминг-платформа ‘Глеј’ (GLEY) преку која се приклучуваме кон светските трендови на развој на локални и регионални СВОД (видео на барање) платформи“, истакна извршниот менаџер на „СВОД мастер“, Дарко Петрушевски, на денешната промоција на сервисот.
Првата национална стриминг-платформа нуди атрактивна и внимателно селектирана локална, нова регионална и интернационална филмска и детска програма, комплетно обработена на македонски и албански јазик.
Дел од богатата филмска програма на оваа платформа се сериите „Фамилија Марковски”, „На терапија”, „Преспав”, „Светот на Биби“,„Беса”, хрватската серија „Црно-бјели свет“, крими-серијата „Тајкун”, „Клан”, филмовите „Трето полувреме”, „Џган“ и многу други.
Претплатата не е обврзувачка, нема подолгорочни договори, туку месечно и корисниците ќе може да ја откажат платформата кога сакаат. За корисниците што ќе се регистрираат до 31 ноември, промотивно им се нуди 30-дневен пробен период, кој не се наплаќа. Во моментот има три претплати – 299, 399 и 499 денари, во зависност од бројот на уреди на кои ќе може да се следи GLEY.

Дарко Перушевски посочи дека ова не е обична видеотека, туку има поширока мисија – поддршка на македонската продукција.
„Целата програма е локализирана комплетно на македонски и албански јазик. До програмите ќе се пристапува лесно, примарно преку паметен телевизор LG, Samsung и андроид ТВ, на мобилните уреди, на лаптопите и на таблетите“, рече тој.

Scroll to Top