Пушел како млад 60 цигари и пиел по една чаша вино на ден

Додека потрагата по изворот за младоста продолжува најстариот човек во Норвешка, Џорџ Мелфорд Нигард, ја споделил својата тајна за долг и исполнет живот.

По смртта на Торбјорн Оверб минатата недела, Нигард службено стана најстариот маж во Норвешка на возраст од 107 години. Тој ќе го прослави својот 108. роденден на 12 јануари. Во 2017 година Норвешка имала 945 граѓани постари од 100 години.

„Не е вистина дека морате да живеете здраво за да живеете долго. Јас јадев и пиев што сакав целиот мој живот. Бев мераклија по пушењето додека не навршив 40 години, но сè уште знам да се напијам чаша вино секој ден. Тоа ви ја разредува крвта. Но, потрудете се да не пиете премногу“, вели Нигард.

„Секогаш бев добро расположен. Човек мора да живее, особено на мои години. Еднаш одамна имав сосед кој секогаш беше бесен и гневен, а јас не сакав да бидам таков. Верувајте, не сакате да бидете гневни целиот свој живот. Не размислував толку за тоа. Знам дека некој кој е постар од мене починал пред неколку дена. Ми кажаа. Но, јас не сакам да размислувам толку за тие работи. Тоа не се добри мисли“, додаде Нигард.

Нигард е роден во 1910 година во Северна Дакота откако неговиот татко емигрирал од Норвешка во 1894 година. Тој ги преживеал двете светски војни. Говорејќи за Првата светска војна, Нигард се присетил на некои од неговите најрани спомени.

„Се сеќавам на некои епизоди од таа војна. Меѓу другото, се сеќавам дека мојот татко ми даде еден од нашите коњи за војска. Американската војска“.

Џорџ научил да вози „форд модел Т“ исто така. Го возел целиот свој живот, до 95 години, кога видот почнал да му слабее.

Нигард бил сведок на Втората светска војна од прва рака, додека бил стациониран на Хаваите за време на неговата служба во американската морнарица. Се откажал од пушењето во 1953 година, но сè уште се препуштал на својот друг порок, пиењето. Пиел по една чаша вино на ден.

Нигард и неговата сопруга Адел на крајот се вратиле во градот Ровелд во Норвешка. Адел починала во 1992 година, по тешката борба со воспалението на белите дробови, на возраст од 101 година, по што Џорџ бил присилен да се пресели во старечки дом, каде што живее денес.

Тој го одржува активен својот ум и обрнува внимание на настаните во светот.

 

 

Scroll to Top