На социјалните мрежи беа објавени снимки од завршниот дел од монтирањето на Кримскиот мост, кој ги поврза бреговите на Кримскиот и Таманскиот Полуостров. Градежниците на Кримскиот мост завршија важна етапа од изградбата на преминот преку Керченскиот Мореуз. Тие ги споиле двата брега со огромна конструкција.
Од информацискиот центар на „Кримскиот мост“, изјавија дека од Таман до Керч се поставени метални конструкции со тежина поголема од сто илјади тони и должина од 17 километри, а дополнителен пат од два километра минува по насипот на страната на Керч.
Отворањето на мостот, преку Керченскиот Залив, за патен сообраќај е планиран за во декември 2018 година, а за железнички сообраќај во 2019 година. Се проценува дека преку него секој ден ќе поминуваат 40.000 возила.
Кримскиот мост, долг 19 километри, ќе биде најдолгиот мост во Русија, но и во цела Европа. Ќе биде подолг и од мостот во Португалија, Васко де Гама (17,2 километри).
Експертите велат дека заштитата на Кримскиот мост е неопходна и од земја, море, небо и вода.
РУСИЈА ФОРМИРА ПОСЕБНА БРИГАДА
Русија ќе формира морнаричка бригада за заштита на Кримскиот мост, кој ги поврзува Крим и Краснодарскиот Регион. Прашањето за заштитата на најдолгиот мост во Русија стана посебно актуелно по обидот на украинските националисти да извршат диверзија, а исто така и поради терористичките и екстремистичките закани.
Новата специјална единица ќе биде во составот на Росгвардија, која веќе обезбедува 74 важни државни објекти
Росгвардија има за задача да ја осигура безбедноста на мостот, преку Керченскиот Залив во новоформираниот Јужен Воен Регион. За таа цел била формирана нова единица, морнаричка бригада на Националната гарда, вели директорот на Росгвардија, Виктор Золотов, говорејќи пред сенаторите на Советот на Федерацијата.
Претходно рускиот министер за сообраќај, Максим Соколов, изјави дека во проектната документација за мостот постои член што се однесува на антитерористичкото обезбедување на самиот објект. По тоа, во руските медиуми се појавија информации дека Росгвардија планира да формира одред на борбени нуркачи, чии задачи, меѓу другото, ќе бидат одбивање од нападите на диверзантите и потрага по експлозиви.
Нуркачите од Росгвардија ќе бидат вооружани со специјално стрелачко оружје, автоматски пушки со минофрлачи, брзи противдиверзни катери и уреди за набљудување, кои се во состојба да извршат мониторинг на морските длабочини.
На мостот ќе бидат поставени специјални извидувачки уреди, што ќе овозможат откривање на непријателските сили и подводни цели.
За заштита на мостот ќе биде активиран и подводен уред, хидроакустичен систем, како и уред за надѕор кој ситуацијата околу мостот ќе ја следи деноноќно.
Се очекува државата да обезбеди противоздушна одбрана на мостот, и тоа со ракетните системи „Buk“ и „Tor“, а исто така ќе бидат инсталирани и неколку радарски станици.
УКРАИНА БЕСНА ПОРАДИ МОСТОТ
Властите во Киев тврдат дека Кримскиот мост предизвикува закана по националната безбедност на Украина. Киев стравува дека мостот ќе ги ограничи движењата на бродовите од Мариупол и Бердјанск, кои се наоѓаат на Азовското Море, а украинските експерти сметаат дека дејствијата на Русија се од „воено-политички карактер“, создавајќи „ново поле на социјално-економски ризици на стагнација во делот на Украина околу Азовското Море“, и зголемување на заканите во контекст на копнениот коридор во „окупираниот“ Крим.
Намерата на Украина е да ја истражи изградбата на мостот преку Керчкиот Залив, заедно со Бугарија, Грузија, Романија и Турција, како и да повика на нови санкции и да ја продолжи антируската хистерија, изјави пратеникот на Државниот совет на Република Крим, Владислав Ганжара, во интервју за „Раша тудеј“.
Парламентарецот нагласи дека градежните работи се изведени и „пред рокот“, а сите надежи на украинските власти, кои биле насочени кон неуспех на проектот, не се оствариле.
„Изјавата на генералниот обвинител на Украина говори дека киевскиот режим се наоѓа во вистинска агонија“, изјави Ганжара.
Пратеникот додал дека таквите изјави се штетни за имиџот на Украина, пишува „Спутник“.
„Киев продолжи со својата антируска хистерија, но уште еднаш на меѓународната арена се претстави во лошо издание. Но, ние на тоа не обрнуваме внимание“, нагласи Ганжара.
Тој изрази сомнеж во тоа дека украинската иницијатива ќе биде поддржана од државите во Црноморскиот Регион. Пратеникот го сврте вниманието на тоа дека Турција претходно ги критикувала санкциите против Русија.
„Режимот во Киев е самиот виновен што се доведе себеси во таква крајно неповолна ситуација. Наместо да ги решава внатрешните политички и економски несогласувања, Украина се обиде да ѝ нашети на нашата земја“, заклучи Ганжар.
Претходно, државниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко, изјави дека има намера да формира заедничка истражна група од државите во Црноморскиот Регион (Бугарија, Грузија, Романија, Турција и Украина), група која би се занимавала со прашањата од можните еколошки нарушувања, во моментите на изградба на мостот на Крим. Тој говорел и за можноста за воведување нови санкции против Русија поради ваквиот инфраструктурен проект.