Родив син со рак на дојката, па сега наместо стравот дека ќе умрам, ме крева помислата дека сум мајка

Американката Касандра Серда била 20 недели бремена кога дознала дека има рак на дојката. На почетокот не сакала да поверува дека болеста ѝ се појавила додека е бремена, но во интервју за магазинот „Пипл“ рекла дека морала да биде силна, да се соочи со реалноста и да почне со лекување. Раскажала дека од хемотерапијата станала изнемоштена, ослабела, а на моменти се плашела дека нема да преживее и да го роди синот.

„Не сакав да верувам во тоа, негирав. Бев бремена и не мислев дека такво нешто ќе ми се случи. Но, ракот не дискриминира и беше шокантно“, вели 27-годишната девојка од Тексас во интервјуто.

Таа во февруари годинава ја открила болеста, а во април почнала со хемотерапија. По неколку недели, лекарите во Хјустон биле сигурни дека третманот делува и дека таа ќе се излечи.

„Се исплашив дека ќе умрам. Но, мило ми е што ја надминав таа фаза. На почетокот ми беше многу тешко и многу плачев. Немав надеж. Кога ќе го слушнете зборот рак, звучи како да ќе умрете“, раскажала Касандра, која веќе има двегодишен син.

Таа ги направила сите третмани за хемотерапија, а на 17 јуни родила здраво машко бебе, една недела пред очекуваниот датум.

„Ќе направат уште еден преглед за да видат дали туморот на лимфните јазли се намалил. Се надевам дека кога повторно ќе ме прегледат, мојот тумор ќе е намален и дека првиот круг на хемотерапија функционирал. Ако не се случи тоа, Боже, не знам што ќе се случува понатаму“, вели Серда.

Иако таа зборува отворено за стравот што го претрпела откако дознала за ракот, вели дека не сака никој да ја сожалува.

„Ако со споделувањето на мојата приказна некому ќе му донесам надеж, вреди да ја раскажам. Не сакам на луѓето да им бидат жал за мене, не е тоа поентата. Сакам луѓето да знаат дека, без оглед на тоа дали е мала или голема пречката во животот, не значи дека мора да се сопнете и да кажете: ‘Знаете што? Јас се откажав’. Луѓе се борат со уште потешки работи и успеваат. Тоа е мојата порака и мојата цел“, додава Касандра.

Scroll to Top