Истражувањето исто така покажало дека повеќето испитаници мислат дека главните корисници кои ќе употребуваат биткоини ќе бидат богати, странски вложувачи, владата и деловни челници.
Додека Салвадор се подготвува да стане првата земја во светот во која биткоинот е официјална валута, во земјата се регистрирани поделби и скептицизам околу мерките кои владата ги претстави како начин за потикнување економски развој и вработувања, истакнува Би-би-си.
Владата исто така на граѓаните им понуди бесплатен дигитален новчаник, на кој може да се добијат 30 долати во биткоин. Но, како што истакнува Би-би-си, неодамнешните протести во главниот град Сал Салвадор покажале недостиг на доверба меѓу граѓаните, од кои многу не се запознати со криптовалутите.
Додека проектот на воведување на биткоинот како официјална валута во малата централноамериканска држава со околу 6,4 милиони жители се соочува со скептицизам на напредните економии и ММФ, некои тоа го сметаат за револуција, пишува „Фајненшел тајмс“.
Магазинот истакнува дека криптовалутите се привлечни за земји со историја на финансиска нестабилност и често стануваат алтернатива за слабите национални валути.
„Треба ова да го сфатиме сериозно“, рече коавоторот на книгата „Верижна реакција: Како блокчејн ќе го промени светот во развој“, Пол Домјан, нагласувајќи дека биткоинот во Салвадор ќе ја промени положбата на криптовалутата во глобалниот финансиски систем и ќе ја забрза целата расправа за дигиталната валута.
Домјан смета дека Салвадор е вистинската земја за таков експеримент затоа што не е под санкции, а исто така ММФ е вклучен во меѓународниот финансиски систем.
Тој додава дека со примерот на Салвадор, кој во приказната за биткоинот внесува елемент на легитимност, можат да се научат значајни лекции. Додека анаитичарите за криптовалути се возбудени поради експериментот со биткоинот во Салвадор, повеќето регулатори во Европа и САД тоа го дочекаа мошне смирено, изнесуваќји строго предупредување за опасностите од трговијата со криптовалути.
Во напредните економии, како што наведува „Фајненшел тајмс“, многу во финансискиот свет сомнително гледаат на криптовалутите. По најавата на планот на Салвадор, ММФ на крајот на јули предупреди на опасноста со која земјите можат да се соочат, велејќи дека проширената употреба на нестабилни монети би можела да ја наруши микроекономската стабилност и потенцијално да го изложи финансискиот систем на незаконски активности.
Британскиот регулатор предупреди дека ако потрошувачите вложат во овој вид производ, треба да бидат подготвени да ги изгубат сите свои пари.