Се породила следејќи упатства од „Јутјуб“

22-годишната Британка Тиа Фримен се породила сама во хотелска соба во Турција следејќи упатства од „Јутјуб“. Таа од Турција требала да патува за Германија да посети пријателка. На „Твитер“ напишала дека доцна дознала дека е трудна, па не сакала да ја откаже посетата.

Тиа почнала да добива грчеви уште во авионот, ама мислела дека за тоа е виновна храната. Додека чекала ред за пасошка контрола во Истанбул, болките станувале сè посилни. Сфатила дека се пораѓа и дека нема избор, освен да побара совет на „Јутјуб“.

„Доколку никој не ми помогне, интернетот е тука! Еве ме во хотелската соба, сама учам како да се породам“, напишала Британката на „Твитер“.

Ги следала упатствата, ја наполнила кадата со топла вода и наместила тајмер на телефонот. Кога контракциите почнале да се јавуваат на растојание од две минути, Фримен почнала да го турка бебето. По само пет минути, родила здраво дете, а папочната врвца ја пресекла со нож и ја заврзала.

На „Твитер“ добила пофални зборови за нејзината снаодливост, издржливост и способност да остане смирена и покрај големиот стрес.

„Сите ме нарекуваат храбра или суперхерој, но искрено мислам дека секој што би бил во мојата ситуација би го направил ова“, рекла Тиа.

Scroll to Top