Кристин Ендрус Кар и Мајкл се запознале на сајтот Neopets кога биле деца, а се венчале 14 години подоцна. Кристин имала 12 години кога се приклучила на популарниот сервис за љубители на домашни миленици.
Набрзо го запознала Мајкл, кој тогаш имал само 10 години и го користел надимакот Доктор.
Денеска 29-годишната Кристин од Арканзас вели дека на почетокот биле соперници при што таа ја имала улогата на позитивен лик, а Мајк бил негативецот. Сепак, меѓу нив се родило пријателство, па набрзо комуницирале секојдневно преку чет и е-пошта, но вистинските имиња не си ги откриле.
„Долго време Мајкл не сакаше да го користи своето вистинско име. Тој го користеше надимакот Доктор“, вели Кристин и објаснила дека потоа почнале секојдневно да комуницираат преку пораки и да разговараат за приватните проблеми.
Помина многу време на константно комуницирање додека бевме млади тинејџери пред да ми ги испрати неговите фотографии, а понекогаш разговаравме и преку телефон“, вели таа.
И додека Крисин брзо сфатила дека чувствува и повеќе од пријателство за него, Мајкл не знаел како да им открие на родителите дека има виртуелна пријателка.
„Се плашел дека родителите ќе му забранат да комуницира со непозната девојка на интернет ако им каже за мене“, додава Кристин, која му признала дека има чувства за него, пишува „Дејли мејл“.
Пред да почнат да одат во училиште разменувале пораки од типот „те сакам“, а кога Мајкл наполнил 17 години почнал да бара факултети во близина на местото каде што таа живее. Кристин ја донела мајка си на нивниот прв состанок. Се присетила како се потела кога го здогледала во ресторанот. Ја преплавиле чувства.
„Мајка ми ми рече дека ме гледал со таква напнатост што во еден момент се сопнал и паднал. На неа сето тоа ѝ било смешно“, изјави Кристин.
Кога Мајкл почнал да оди на колеџ нивната врска станала реална, а ја запросил во 2014 година. Кристин смета дека токму комуникацијата на толку мала возраст ја подготвила за здрава врска.