Што треба да направите на Велики четврток

Утре е Велики четврток, ден кога се вапсуваат првите велигденски јајца. Според обичајот, најпрвин се вапсуваат три јајца, а потоа и другите. Првото јајце, според стариот обичај, е наменето на Господ и се вика Господово јајце, второто е за домаќинот, а семејството, а третото било наменето за стоката и за бериќет во домот.

Јајцата ги вапсува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето. Се верува дека ако јајцата се вапцаат подоцна ќе се засмрдат. Овие јајца, особено првото, не се расипуваат и по неколку години. Се верува дека првото јајце има магиска моќ. Според обичаите, домаќинката мора да е јадена или да има каснато барем еден залак леб, оти ако вапцува јајца на гладно, јајцата може да се скршат, таа да се разболи или да е несреќна. Ако домаќинката го скрши јајцето, тоа ќе ја загуби магиската моќ.

На некои места во Македонија на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесувало на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото се ставале и по три јајца. Некаде во ситото се ставало и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало. Ситото се покривало со црвен машки појас или со друга ткаенина, но секогаш со црвена боја.

По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала трипати по лицето зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.

Првото јајце потоа се става пред икона и таму стои цела година. Се верувало дека тоа лекува болести кај луѓето и стоката, заштитува од пожар, гром и сли;но.

Scroll to Top