Повеќето скијачки центри кои беа целосно затворени или не примаа странски гости минатата зима, оваа сезона ќе бидат отворени за туристите со ковид-сертификати. Познатите ски-центри ќе се отворат благодарение на широката примена на вакцините, а хотелиерите очекуваат добра сезона.
Австрија
Австрија повторно ги отвора своите планини за странски туристи оваа сезона. Од скијачите ќе се бара доказ дека се вакцинирани, тестирани или оздравени од вирусот и да носат заштитна маска при возењето со ски-гондола. Иако скијачките патеки беа отворени минатата сезона, австрискиот туристички сектор ја забележа една од најлошите години во својата историја, бидејќи хотелите беа затворени за странски гости.
Италија
Според министерот за туризам Масимо Гаравала, во земјата конечно се создадени услови за почеток на зимската сезона. Во Италија ски-сезоната ќе почне на 27 ноември. Инаку, лани земјата забележа голем пад од вообичаените 10 милиони ноќевања.
Швајцарија
Швајцарија веќе дозволи да доаѓаат странски туристи, со почитување на социјална дистанца и со заштитни маски во ски-лифтовите. Додека бројот на хотелските гости беше намален за околу 25% во споредба со 2019/2020, резервациите за станови се зголемија за 3%. Оваа сезона, скијачите ќе треба да покажат сертификат за вакцина, документ за прележан Ковид-19 или негативен ПЦР-тест.
Германија
Многу тур-оператори оваа зима очекуваат голем метеж на баварските Алпи. Скијачите веќе испратиле голем број барања за сезонски билети за највисокиот германски скијачки центар Цугшпице. Во Баварија ќе може да се скија со вакцина, доказ за прележан Ковид-19 или со негативен ПЦР-тест.
Франција
Плановите за претстојната зимска сезона во Франција сѐ уште се малку нејасни. Според сегашните правила, од гостите ќе се бара да покажат доказ за вакцинација или за прележан ковид или негативен тест. Но, сѐ уште не е јасно дали ова ќе важи и за ски-лифтовите.