Скопјанка спаси петгодишно девојче кое се давеше во Вардар

Сема Џеладини во петокот вечерта околу 20:00 часот успеала да го спаси животот на петгодишно девојче од водите во реката Вардар, пренесува Алмакос.

Сема, која е вработена во повикувачкиот центарот на Клиничката болница „Аџибадем“, го жртвувала својот живот за да го спаси петгодишното девојче од надојдените студени води на Вардар.

Петгодишното девојче во тој период се возела на велосипед со својата мајка. Во еден момент тоа изгубило контрола и паднало во реката.

„Во петокот вечерта бев излезена на пауза околу 20:00 часот. Седнав на клупите кои гледаат кон кејот на реката Вардар. По поминати 10 – 15 минути, се изненадив кога слушнав извици. Се свртев кон кејот. Видов девојче на возраст од околу пет години како губи контрола врз велосипедот, не можеше да запре. И падна во реката Вардар”.

Прва која се фрлила во реката била нејзината мајка, но поради надојдените води, брзиот тек и длабочината, таа не можела да го извлече девојчето надвор од реката.

Притрчала од клупата и се спуштила на работ од кејот. Девојчето било испаничено и многу уплашено, раскажува Сема.

„Се спуштив од работ. Девојчето беше многу испаничено, многу уплашено. Ми ја подаде раката за да ја спасам. Се бореше. Ја фатив за рака. Бидејќи работ беше многу лизгав, и јас заедно со неа влегов во водата”.

Сема сè уште се сеќава на извиците на девојчето, вели дека зборовите на малата ќе ги запамети цел живот.

„Дадо, дадо, те молам спаси ме“, и ми ја подаде раката. „Дадо, те молам не ме оставај. Не ме оставај да умрам. Те молам помогни ми”.

Откако Сема заедно со девојчето со големи маки стигнале до работ на кејот, на помош пристигнале и тројца мажи. Тие помогнале Сема и мајката на девојчето да излезат од Вардар. Девојчето ја прегрнала Сема и така прегрнати стигнале до Ургентниот центар на болницата.

Таму девојчето било прегледано и било утврдено дека немала никакви проблеми. По контролите, било пуштено дома.

(Фото/Извор/Алмакос)

 

Scroll to Top