Следбеници на Тито во Кочани трчаа со штафета на младоста

Членовите на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани по осми пат го одбележаа 25 мај, Денот на младоста и роденденот на Тито. Тие низ градот трчаа со штафетата на младоста, некогашниот симбол на денот на младите. На крајот, младинците му ја предадоа на штафетата на претседателот на Здружението, Трајан Трендов.

Кочанските титовисти, како што се нарекуваат, продолжуваат да ги негуваат спомените од минатото кои се поврзани со роденденот на Тито.

„Горди сме што живеевме во време кога се почитуваше трудот и достоинството на поединецот, време во кое македонскиот народ ја оствари вековната желба да добие сопствена држава и сето тоа како резултат на визијата на еден голем човек каков што беше Тито. Годинава се собравме во најголем број досега, ни дојдоа гости и од неколку градови во Македонија и од Србија, што е вистински доказ дека стекнатите вредности од титовото време не треба да се забораваат“, рекол Трендов.

Во Здружението се активни над 200 повозрасни членови, но интерес за зачленување има и меѓу младите, кои освен на прославите, свој придонес даваат и во организирањето хуманитарни акции.

 

Scroll to Top