Сопственичката на брендот „Л’Oреал“, Франсоаз Бетенкур Мејерс, со 73,6 милијарди долари е рангирана на 12-тото место на листата на „Форбс“ на најбогати.
Франсоаз ја наследила нејзината мајка Лилијан Бетенкур, која ја држеше титулата најбогата жена на светот до 2017 година, кога почина на 94-годишна возраст.
Семејството кое го држи Тети, со кој претседава Франсоаз, е мнозински акционер на „Л’Oреал“.
Шеесет и осумгодишната Франсоаз е ќерка на францускиот политичар Андреа Бетенкур, со кого нејзината мајка Лилијан се омажила во 1950 година.
Франсоаз го држи својот приватен живот подалеку од очите на јавноста, па затоа е познато само дека е во брак со Жан-Пјер Мејерс од 1984 година и дека е многу религиозна. Таа има два сина, Жан и Николас.
Таа честопати имала несогласувања со нејзината мајка, а тоа ескалирало поради врската на мајка ѝ со францускиот уметник Франсоа-Мари Баниер, затоа што Лилијан му подарила подароци вредни дури 1,3 милијарди долари. Меѓу тие подароци биле и премиите на нејзините две животни осигурувања, 11 уметнички дела, вклучувајќи слики од Пикасо, Матис, Мондријан, Делоне и Леже, фотографија на надреалистот Ман Реј и многу пари.
Франсоаз потоа го тужела Баниер, обвинувајќи го дека ја искористил менталната и физичката слабост на нејзината мајка за да го стекне нејзиното богатство. Случајот завршил на суд, но сето тоа заглавило кога Лилијан одбила да се подложи на психијатриско испитување.
Во меѓувреме, се појавиле снимки што ги обелоденил батлерот на Лилијан, Паскал Бонефој. Тој стравувал дека неговата газдарица страда од Алцхајмерова болест и дека некои ќе го искористат тоа. Тој ѝ ги предал снимките на полицијата и можело да се слушне дека Лилијан го именувала Баниер за свој единствен наследник. Единственото нешто што не би го наследил се акциите на „Л’Oреал“, кои веќе биле пренесени на нејзината ќерка и на двајцата внуци.
Но потоа дошло до нов пресврт. Мајката и ќерката се смириле, сите тужби биле повлечени, Баниер станал минато и бил изваден од тестаментот. Помирувањето не траело долго бидејќи веќе следното лето, Лилијан и Франсоаз повторно се скарале откако сега мајка ѝ изјавила дека на Франсоаз ѝ треба психијатриска помош. Од 2014 година, поради нарушеното здравје на Лилијан, контролата врз компанијата судски ѝ е доверена на нејзината ќерка, додека за здравјето на Лилијан се грижел нејзиниот внук Жан.