Спортскиот центар во Аеродром го доби името по ракометарот Марко Божиновски

Целосно реконструираниот спортски центар во Аеродром, го доби името на ракометарот Марко Божиновски, кој летово почина на 20 години. Спорскиот комплекс беше свечено отворен денес во Ново Лисиче во Аеродром.

На отворањето присуствуваа членови на семејството на Божиновски, пријатели, соиграчи, жители на Аердром и дел од локалната самоуправа на општината.

„Од денеска и официјално Спортскиот центар во Ново Лисиче имаме чест и задоволство да носи име Спортски центар – Марко Божиновски, пример за млад човек, спортист, добар другар и пријател, кој пред шест месеци трагично почина. На моја иницијатива, но заедничка одлука на сите советници во Советот на Општина Аеродром е овој Спортски центар да го носи токму неговото име. Одлучивме да инвестираме во реновирање на спортската инфраструктура, а дел од таа инвестиција е на општина Аеродром, но и самото семејство на Марко Божиновски и нивни пријатели се активно вклучени во подобрување на условите коишто ќе ги има овој Спортски центар“, рече градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.

Тој најави дека општината ќе продолжи да инвестира во развој на локалната спортска инфраструктура.

„Во чест на Марко Божиновски, којшто треба да биде пример на сите исти млади генерации, успешен млад ракометар, добар другар и искрен, верен пријател, сакаме да функционираме и таков однос да воспоставиме спрема сите други млади луѓе во општина Аеродром, да бидат како Марко Божиновски. И во таа смисла ќе продолжиме и следната година, ние како општина да инвестираме во спортската инфраструктура, да инвестираме во младите спортски таленти“, рече Муцински.

За потсетување, поранешенниот македонски кадетски и младински репрезентативец Божиновски почина во сон на 3 јуни, кратко време по прволигашкиот натпревар на кој настапи во дресот на екипата на Бутел против Еурофарм Пелистер 2. Пред да премине во редовите на Бутел, тој играше за скопски Металург.

Scroll to Top