Убиени над 1.400 делфини во еден ден во традиционалниот лов на Фарските Острови

Повеќе од 1.400 делфини се убиени на Фарските Острови за еден ден. Ова го осудија и најтврдокорните бранители на оваа традиционална практика. Делфините биле насочени кон плитките води, а потоа ги оставиле со часови да се вртат во место пред да бидат масакрирани со ножеви.

Лешовите ги извадиле на плажа, а потоа месото им било поделено на локалните жители. Снимките од ловот покажуваат делфини како се тресат во водата поцрвенета од крв додека стотици луѓе набљудуваат од плажата. Поддржувачите на традицијата велат дека ова е одржлив начин на собирање храна од природата и важен дел од локалниот културен идентитет.

Убивањето морски цицачи, главно китови, е традиција што на Фарските Острови се практикува стотици години. Владата на оваа зафрлена територија вели дека секоја година се ловат околу 600 кита. Локалните групи што се залагаат за запирање на оваа традиција велат дека неделниот лов бил најголемиот масакр на китови или делфини во историјата на Фарските Острови, при што во еден ден биле убиени повеќе животни отколку во цела сезона во Јапонија.

Scroll to Top