Учителите од Неапол ја префрлија наставата на улиците и балконите

Откако јужниот италијански регион Кампанија, чиј главен град е Неапол, ги затвори училиштата поради новото ширење на коронавирусот, некои учители ги префрлија своите часови на улица, за да им помогнат на учениците да не заостануваат со наставата.

Кампанија не беше така тешко погодена од коронавирусот во првиот бран како остатокот од Италија. Но, сега бележи пораст на бројот на заразени во изминатите недели, а локалните власти ги затворија повеќето од училиштата.

 

Фото Ројтерс

„Мајките ми се јавуваа и ми кажуваа дека нивните деца се расплакани зашто сакаат да се вратат на училиште. Тие не разбираат зошто се затворени“, вели Памела Буда, која предава додека нејзините ученици седат на јавни скали во центарот на Неапол.

Тонино Сторнајуоло, пак, мора да вика малку погласно кога предава затоа што дел од неговите ученици се на своите балкони, а дел на улица.

„Правиме сѐ за да ги почитуваме правилата, затоа што ситуацијата во Италија е сериозна и реална. Сакав да предавам на начин на кој децата ќе бидат заедно сѐ додека има можност “, вели тој.

 

Владата засега избегнува да ги затвори училиштата на национално ниво, но им порача на регионалните власти дека имаат право на тоа ако проценат дека е потребно.

Фото Ројтерс

 

Scroll to Top