По случајот на 23-годишниот масер, кој се претставуваше како естетски хирург и заработи богатство од осакатените пациентки во дива ординација во центарот на Белград, во Србија е откриена уште една слична измама, во која исто така има десетици жртви, главно жени.
Олгица Маркановиќ, сопственичка на козметички салон, која се претставувала како козметолог-едукатор, и која нагрдила десетици жени од цела Србија, вчера е уапсена по обидот да ја премине српско-хрватската граница.
Многубројни клиентки доаѓале во нејзиниот салон за третман со т.н. плазма-пена, уверени дека таа процедура ќе им помогне да ги решат проблемите со кожата. Но, по третманите, им останувале лузни слични на изгореници, а наводната козметичарка ги убедувала дека ќе им исчезнат со текот на времето. За овие услуги тие плаќале од 900 до 2.000 евра.
„Отидов во нејзиниот салон на корекција на носот и наместо радост и задоволство, буквално преживеав пекол. И сѐ уште го живеам“, изјави за „Блиц“ една од жртвите на дивиот третман.
Проблемите почнале по ласерската интервенција за намалување на носот во хорор-салонот за кој девојката добила препорака од другарка. Вели дека дополнително се информирала на инстаграм-профилот на салонот, каде што сѐ што видела и прочитала ѝ влевало доверба. Тогаш ја закажала и првата консултација.
„По третманот, имав ужасни болки, што ми беше многу чудно. Кога се пожалив, добив одговор дека сето тоа е нормално, да го мачкам носот со крем против лузни и дека сѐ ќе биде во ред“, вели девојката. Таа платила 950 евра и си отишла дома.
„Ми рече само да ја оставам крастата да помине, никако да не ја допирам и да пуштам самата да падне. Така направив и се надевав дека сѐ ќе биде како што треба. Но, кога крастата самата падна, сфатив дека на кожата на носот од левата страна имам дупки, а од десната ужасни нерамнини, што никако не смееше да се случи. На местото ми остана калоидна лузна, која трајно останува на лицето“, раскажува жртвата на неправилно изведените третмани во салонот.
Лажната козметичарка е во притвор, а Обвинителството засега ја гони за нанесување телесни повреди и трајно нарушување на здравјето на 11 жени. Исто така, ќе одговара и за тоа што го отворила салонот, без да има соодветна дозвола.
Уапсен 23-годишен масер што се претставувал како хирург и нагрдил жени со пластични операции