Синоќа во близина на ОУ „Коле Неделковски“ во скопската населба Дебар маало дрво оштети непрописно паркиран автомобил, откако падна врз него и повреди дете кое се здоби со полесни повреди.
На социјалната мрежа „Фејсбук“ се појавија слики од синоќешната несреќа, каде се потенцира дека дрвото имало здраво стебло, но неговиот корен бил нарушен. Граѓаните се загрижени дека постои опасност да падне и без присутво на посилен ветер.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека детето минало со гребаници и без тешки повреди. Тој ја информираше јавноста дека иако дрвото изгледало здраво, имало исушени корени, нешто слично како и дрвото кое пред неколку дена падна на улица „Орце Николов” во истата населба.
„Вчера, во непосредна близина на влезот на ООУ „Коле Неделковски“, падна уште едно дрво. При извршениот првичен увид, дрвото е паднато поради исушените корени, исто како дрвото кое падна пред некој ден на улицата „Орце Николов“. Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ и службите од Општина Центар го отстранија паднатото дрво кое оштети едно возило. Дрвото, како што се гледа на сликите, има зелени лисја, здраво стебло, но нарушен коренов систем поради кој што може да падне и без посилен ветер“, кажа Богдановиќ