Вечерва започнува овогодинешното, 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ под мотото „Што сега“ или „Wheredowegonow“ со германскиот докуменраец „Луѓето од гаражите“ на режисерката и сценаристка Наталија Јефинкиња со почеток од 21 часот. Ќе трае до 26август и ќе се одржува на четири локации во Скопје: Куршумли-ан, МКЦ, Музејот на современа уметност и Музејот на Македонија.
Главниот фокус на фестивалот е дистрибуција на документарни филмови, како и промоција на филмовите низ фестивалите во Европа. Ќе бидат прикажани околу 70 документарци, кои ќе бидат поделени во пет натпреварувачки категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи. Значајни програми се и Земја во фокусот, во чии рамки ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови од Украина, како и Програмата за деца и младинци.
На фестивалот ќе бидат доделени пет награди за кои ќе решава интернационалното жири составено од 15 докажани професионалци.
Филмот „Луѓе од гаражи“ ( 2020, 93 мин.) ќе се натпреварува во програмата за „Нови автори“, покрај него ќе биде прикажан и краткиот канадски документарен филм „Џукели“ (2019, 18 мин.) на Халима Уардири.
Документарецот „Луѓето од гаражите“ ги следи приказните на луѓе кои живеат во гаражни населби во постсоветска Русија, додека основната тема на краткометражниот филм „Џукели“ е е прифатилиште за кучиња-скитници во Мароко, каде времето застанало за 750-те животни кои чекаат посвојување, а нивните животи следат една прецизна, еднолична рутина.
Вечерта на отворањето на фестивалот ќе биде заокружена со концертен настап на Добрила и Дориан Дуо во рамките на музичката програма „МакеДокс: Ноќни приказни“.