Неименувана 38 годишна Американка од Вашингтон е уапсена заради кражба на бебе, соопштиле од тамошната полиција. Заедно со нејзината 16 годишна ќерка, се преправале дека се професионални фотографи. Двете ја дрогирале мајката на бебето, која ја запознале преку „Фејсбук“, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Уапсената жена ѝ понудила на мајката бесплатно да го фотографира новороденчето. Таа преку социјалните мрежи ѝ се претставила како Џулијет Паркер. Уапсената жена трипати го посетила домот на мајката, а откако го сликала бебето, внимателно ги избришала сите траги и отпечатоци од предметите кои ги допрела.
Бебето го украле за време на нивната трета посета. Младата мајка откако открила дека бебето ѝ го нема веднаш повикала полиција, која почнала со потрагата. Од таму велат дека засега се уапсени две осомничени жени, за кои се верува дека сакале да го украдат бебето и да го одгледаат како свое.