Во Корнвол, Велика Британија, почна изградбата на најдлабокиот базен во светот, чија цена ќе изнесува 150 милиони фунти. Базенот „Син амбис“, кој ќе биде длабок педесет метри, го гради истоимената британска компанија.
Со повеќе од 42.000 кубни метри вода, тоа се 17 олимписки базени или 168.000 филџани кафе, тој ќе биде најдлабокиот базен во светот во затворен простор. Базенот ќе биде изграден во близина на аеродромот „Њуквеј“ и нема да биде затворен за јавноста.
Тој ќе се користи за истражување, како центар за тестирање и обука на вработените во индустријата за енергетика, поморство, одбрана и истражување на вселената. Се очекува „Синиот амбис“ да биде изграден за 18 месеци и дека ќе се отвори во вториот квартал во 2023 година.
За базенот ќе се грижат 150 работници. За време на изградбата се очекува Корнвол да има заработка од 50 милиони фунти и годишна поддршка од 8 милиони фунти за локалната економија.
Овој проект го поддржа и британскиот астронаут Тим Пик, кој беше првиот британски астронаут кој мина шест месеци на Меѓународната вселенска станица.
Базенот ќе служи како прв светски комерцијален центар за обука на астронаути, а ќе се користи и за истражувачки проекти во областа на енергетиката, одбраната, екологијата на океаните, науката и друго.
Дури и филмските екипи ќе можат да го изнајмуваат за снимање на подводни сцени, што значи дека познатите ѕвезди често ќе го посетуваат ова место, пренесува „Дејли мејл“.