Низ светот голем број архитекти работат на таканаречени зелени згради. Ваквите зданија се издвојуваат од другите поради градбата или дизајнот, кои се истакнуваат по зелената боја.
Архитектите велат дека со ваквите градби сакаат луѓето да ги поврзат повеќе со природата. Процес кој се нарекува биофилија. Вакви градби се забележани во Кина, во градот Ченгду.
Во овој град живеат повеќе од 16 милиони жители. Цели блок со станбени згради, кои со причина се наречени вертикални шуми, е изграден во 2018 година. Идејата била да се зачува чистиот воздух и да се намали галамата која доаѓала од надвор.
На почетокот, истата година, сите 826 станови биле продадени. Но, како што пишуваат медиумите, само десет семејства се вселиле во зградата, затоа што брзо сфатиле дека вертикалните шуми со себе носат и бројни проблеми, иако изгледаат маестрално.
Вегетацијата на балконите и фасадите делува запуштено, поради големиот број комарци и други инсекти на кои им годи зеленилото. Сепак, други успеале да го избегнат овој проблем.
Творецот на една од ваквите згради, Стефано Боери и ботаничарката Лора Гати, внимателно ги избрале билките со кои се покриени зградите, а се работи за 800 вида на дрва, 15.000 билки и 5000 грмушки.
Од друга страна, грижата за вегетација не постои во Ченгду, поради што семејствата се мачат со инсектите. Американскиот пејсажен архитект Дерил Бејерс, од Њујоршката ботаничка градина, вели дека замислата во Ченгду не проработила поради лошиот дизајн.
Особено поради фактот што во тоа подрачје владее влажна клима. Затоа водата се собира на разни места, што е погодно тло за размножување на комарците, пренесува порталот Conversation.
Идејата вертикална шума може да заживее само ако редовно се води грижа за билките, а во овој блок фалат градинари. „Творците и градежниците на вертикалната шума во Ченгду, воопшто не размислувале за одржувањето“, изјавил Бејерс.