(Видео) Душко Долгоушко слави 80. роденден

Eден од омилените цртани филмови, Душко Долгоушко, слави 80. роденден. На денешен ден во 1940 година првпат се појави во краткиот цртан филм „Дивиот зајак“ (A Wild Hare) под името Bugs Bunny.

„Дивиот зајак“ го режираше Текс Ејвери, во продукција на „Ворнер брос“, и е дел од серијата „Мери Мелодис“, американска серија анимирани кратки филмови направени златното доба на американската анимација, од 1931 до 1969 година.

Покрај Душко, во цртаниот филм се појавува и ловецот Елмер Фаџ, кој ја почнува приказната со познатата реченица „Пссст. Бидете многу тивки. Ловам зајаци“. Елмер ги забележува трагите на шепите на зајакот, се приближува до дупката што е пред него и се обидува да го намами Душко со морков. „Што се случува шефе?“ (What’s Up, Doc?), прашува Душко Долгоушко и така почнува брканицата.

За овој израз, „Што се случува шефе?“, Текс Ејвори вели дека е вообичаен во Тексас, неговиот роден град и во него не видел никакво посебно значење. Сепак, луѓето се смееја масовно во кината низ светот и со тоа се роди новата sвезда на цртаните филмови. Душко подоцна го кажува тоа речиси во секој цртан каде што ќе се појави, без разлика дали е во контекст или надвор од него.

„Душко Долгоушко“ беше номиниран и за Оскар, во категоријата за најдобар краток анимиран филм.

Scroll to Top