Во две верижни несреќи што се случија утрово во двата правци на автопатот Белград-Ниш, речиси на исто место во исто време, загинаа двајца Македонци и пет српски граѓани, пишува „Курир“. Повеќе од 35 лица беа повредени во несреќата, а преку 40 возила беа оштетени. Некои од возилата се уништени до непрепознатливост, пренесуваат тие.
Двете сообраќајни несреќи се случија паралелно, едната во насоката Белград-Ниш, а другата во насока Ниш-Белград. Во првата сообраќајна несреќа од Белград до Ниш, загинаа четири лица, а десет лица беа повредени. Во таа несреќа учествуваа повеќе од десет возила и беа запалени два камиони. Втората несреќа се случи на истото место, но во спротивната насока, од Ниш до Белград. Во таа несреќа, три лица загинаа, а повеќе од 10 беа повредени. Во овој судир учествуваа девет камиони и неколку автомобили.