Северна Кореја организира воена парада во центарот на Пјонгјанг со цел да го одбележи крајот на осумдневниот конгрес на Работничката партија на власт покажувајќи нови балистички ракети, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
На настанот присуствуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој беше назначен за генерален секретар на партијата на конгресот и најави дека ќе го зголеми нуклеарниот арсенал на земјата, пренесува „Франс прес“.
„Величествените елитни трупи и непобедливото воено воздухопловство на републиката, кои гордо ќе маршираат на плоштадот Ким Ил-сунг, се слика на нашата апсолутна моќ“, рече министерот за одбрана Ким Јонг-гван пред парадата, пренесува КЦНА.
Во октомври лани беше последната воена парада во Северна Кореја, со која се одбележа 75-годишнината од основањето на Работничката партија, на која имаше разновидно оружје, вклучително и интерконтинентални балистички ракети, а Ким одржа говор.